Home Македонија Миноски: Без структурни реформи нема одржлив економски раст и повисок животен стандард

Миноски: Без структурни реформи нема одржлив економски раст и повисок животен стандард

Поранешниот министер за финансии, повикувајќи се на најновиот извештај на ММФ, предупредува дека инвестициите, владеењето на правото и реформите мора да станат национален приоритет.

Поранешниот министер за финансии Кирил Миноски оцени дека македонската економија може да обезбеди одржлив раст само доколку се спроведат суштински структурни реформи, повикувајќи се на најновиот извештај на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), објавен во рамките на консултациите согласно Член IV.

Во објава на социјалните мрежи, Миноски истакнува дека иако макроекономската стабилност е зачувана, анализата на ММФ јасно покажува дека долгорочниот економски напредок не може да се темели само на растот на потрошувачката и платите, туку на инвестиции, технолошки развој, иновации и зголемување на продуктивноста.

Тој предупредува дека капиталните инвестиции повторно се користат како средство за прилагодување на буџетот, наместо да бидат двигател на економскиот развој. Според него, нивното кратење може привремено да ги подобри фискалните показатели, но на долг рок го ограничува економскиот потенцијал на државата.

Миноски посочува и дека неповолните демографски трендови претставуваат сериозен ризик за пензискиот систем и јавните финансии, нагласувајќи дека овие предизвици бараат долгорочна стратегија и реформи, а не краткорочни политички решенија.

Во својата анализа тој ја истакнува и потребата од поголема фискална транспарентност и поефикасно управување со јавните претпријатија. Според него, ММФ укажува дека задолжувањата на Јавното претпријатие за државни патишта, државните гаранции и загубите на ЕСМ не се целосно прикажани во буџетската слика, што ја отежнува реалната проценка на состојбата на јавните финансии.

Како најважна порака од извештајот, Миноски ја издвојува потребата од структурни реформи, нагласувајќи дека владеењето на правото, подобрата бизнис-клима, поефикасните институции, квалитетното образование и инвестициите во човечкиот капитал се предуслов за повисока продуктивност, повисоки плати и подобар животен стандард.

Тој заклучува дека решавањето на овие прашања треба да биде национален приоритет и да добие поголемо внимание од дневно-политичките теми, бидејќи токму од нив зависат долгорочната конкурентност на македонската економија, економскиот просперитет и квалитетот на животот на граѓаните.