Петнаесет повредени лица се примени во две клиники по невремето што вчера го зафати Скопје, од кои девет на Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ), а шест на Универзитетската Клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски”.
Директорот на Клиниката за ТОАРИЛУЦ, проф. д-р Игор Мерџаноски за МИА изјави дека од деветте повредени, две се со потешки повреди – една жена со повреда на глава е на Неврохирургија, а друга е со скршена рака.
Шесте повредени кои се примени на Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски”, како што изјави за МИА директорот на таа јавна здравствена установа, д-р Небојша Настов, имаат посекотини и набиеници и се третираат амбулантски.
Посочи дека тројца од повредените по амбулантскиот преглед, се пуштени дома, а тројца се во фаза на испитување.
„Сите се во стабилна состојба. Првично не оддаваат впечаток дека ќе бидат задржани на натамошно лекување. Еден пациент е повреден при пад на дрво и го закачиле гранките, еден е повреден од лим кој паднал од некој покрив, а еден е повредени од паднати керамиди, додаде д-р Настов.
Директорот на Градската општа болница „8 Септември“, д-р Синиша Стојаноски за МИА изјави дека кај нив не се примени повредени лица во невремето во Скопје, но е предизвикана огромна материјална штета. Посочи дека чекаат комплетен увид за да се утврди обемот на штетата.
„Тоа ние денеска нема да го знаеме прецизно додека не излезе проценител на терен и не се направи официјален записник за штета од надлежните институции. Засега најголема штета имаме на кровот и кровната конструкција. Тоа е она што можам да го кажам од првичниот увид, додаде д-р Стојаноски.
Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека полициските службеници се присутни на терен и постапуваат по сите пријави поврзани со последиците од невремето, во координација со останатите надлежни институции.
„Се преземаат мерки за обезбедување на безбедноста на граѓаните, расчистување на последиците и непречено одвивање на сообраќајот и другите јавни функции. Невремето предизвика најголеми последици на подрачјето на СВР Скопје, каде до 22:00 часот се евидентирани 117 оштетени патнички моторни возила, 35 оштетени покриви, 189 паднати дрва, 7 семафори, 5 пожари и 10 повредени лица“, соопштои МВР.
Дополнително, оштетени се повеќе објекти од витално значење, меѓу кои објектите на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, комплексот „Вили Водно“, Аеродромската полициска база Петровец, објектот „Нова Македонија“, како и објектите на Министерството за финансии, Министерството за земјоделство и Јавното обвинителство.
The post Петнаесет лица повредени во невремето во Скопје, оштетени 117 возила и 35 покриви appeared first on Во Центар.

