Home Македонија Газда на фирма не пријавил данок од над 8 милиони денари

Газда на фирма не пријавил данок од над 8 милиони денари

Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Струга против физичко лице – сопственик и управител на правно лице, како и против самата компанија, поради сомнение за сторено кривично дело „Даночно затајување“ согласно член 279 од Кривичниот законик.

Според Финансиската полиција, првопријавениот С.З., како сопственик и управител, со намера да стекне противправна имотна корист, не пријавил и не платил повеќе даночни обврски поврзани со трговска стока евидентирана како залиха во вредност од 26,08 милиони денари.

Како што наведуваат од УФП, не бил пресметан и уплатен ДДВ во вкупен износ од 4,36 милиони денари, како и данок на личен доход од 2,89 милиони денари.

Дополнително, пријавениот не ги прикажал како приход застарените и ненамирени обврски во вредност од 8,12 милиони денари, а не поднел ниту даночен биланс за 2025 година, со што не бил пресметан и платен данок на добивка од 812 илјади денари.

Од Финансиската полиција информираат дека со овие дејствија Буџетот на Република Северна Македонија бил оштетен за вкупно 8.070.791 денари.