Во економијата е сè врзано и поврзано

Од почетокот на агресијата на Америка врз Иран, се појавија многу анализи од многумина аналитичари, што воени, што економски, и сите беа речиси дијаметрално спротивни. Некои велат дека кризата нема да биде толку голема и да се почувствува толку силно, а други дека оваа криза е и ќе биде можеби најголемата од Втората светска војна до сега.

Нашето видување и верување се должи на предвидувањата на неколку меѓународни институции што во следните шест месеци прогнозираат: стабилност, но без економски раст. Очекувањата се дека економијата ќе расте од 3 до 3,3% годишно. Тоа значи дека во наредните шест месеци економијата ќе расте умерено, нема да има рецесија, но нема да има ни експанзија. Цените ќе продолжат да растат, храната и услугите најверојатно ќе останат главен извор на инфлација.

Главни двигатели на растот – јавните инвестиции (патиштата на коридорите 8 и 10) домашната потрошувачка, растот на платите и пензиите, не се доволни за да ја придвижат економијата. Сега, по тешкотиите со снабдувањето со нафта предизвикани од војната на Блискиот Исток, товарот ќе биде уште потежок, а растот побавен, односно речиси никаков.

Со оглед на буџетскиот дефицит од околу 4 % од БДП, јавен долг од околу 63 % од БДП, државата нема да има друг избор и извор за да ги задоволи сите потреби на јавниот сектор, па ќе мора да продолжи со задолжување и со зголемување на долгот. И покрај сите фалби дека Македонија доживува некои историски економски дострели, бројките се немилосрдни и не можат веќе да се кријат, затоа што не сме единствени што се занимаваме со сопствената статистика, тоа го прави и европската статистика.

Причината што македонската економија тешко ги доживува екстерните шокови е тоа што го пишуваме со години, а тоа е зависноста од другите економии, односно замена на домашните производи со увозот на некои основни производи за живот, што порано се произведуваа дома, се всушност тие шокови што го погодуваат обичниот граѓанин. Што се однесува од извозот, секој намален раст на нашиот најголем трговски партнер Германија – ЕУ, како на пример во автомобилска индустрија, што е под силна конкуренција на брзорастечката кинеска индустрија, предизвикува намален раст дури до отпуштање работници и уште поголем пад на стандардот, односно зголемување на сиромаштијата.

Поради овие причини ќе има, ако не отпуштања, сигурно намалување на платите и недостиг на работна сила поради иселувањето.

Во ваква кревка економија, чија крвна слика е покажана погоре, многу е голем ризикот таа да навлезе во рецесија, или во најдобар случај во „замка на среден доход“ – ситуација кога економијата расте бавно и се движи на работ на рецесијата. Цените на нафтените деривати сигурно ќе ги повлечат цените и на другите енергенси нагоре (пелетите, кои пред неколку години се рекламираа како спас за решавање на греењето и на цените во едно домаќинство, се двојно поскапени), па сега домаќините бараат нови решенија, по само неколку години откако се префрлија на овој вид гориво, кое, поради сушите и пожарите, сѐ потешко се наоѓа).

Товарот на македонската економија е многу голем на прво место поради иселувањето (во последните 20 години стотици илјади луѓе се иселени особено млади и квалификувани кадри). Некои процени покажуваат дека населението може да падне под 1,6 милиони во следните 20-25 години, а тоа директно го ограничува економскиот раст.

Освен тоа, за што често пишуваме и потенцираме, Македонија има малку домашни индустриски брендови, слаб технолошки сектор и ниски инвестиции во истражување и развој и воопшто во науката.

Сите овие години од осамостојувањето досега, се зборува за структурни економски реформи и за малата продуктивност. Нашата економија е увозно ориентирана, а фабриките што произведуваат, се притиснати од конкуренцијата на милионското производство на новите растечки економии, особени азиските „тигри“. Или, во превод, не можете со неколку произведени „парчиња“ да ја намалите производната цена за таа да биде конкурентна на светскиот пазар и да ви остане профит за реинвестирање. Тоа веројатно го знаат домашните производители, но изгледа и нивните менаџерски вештини бавно напредуваат, а тие што подобро го знаеја тоа, се иселени и ѝ служат не некоја друга економија. Продуктивноста во Македонија е два-три пати пониска од просекот на ЕУ, па без раст на продуктивноста, платите не можат значително да растат.
Поради сите овие причини, странските инвеститори почнаа да се повлекуваат од Македонија и да ја избегнуваат, затоа што имаат подобри услови и поперспективен раст на земји за кои нашите „раководители“ даваа изјави дека никогаш нема да влезат во Европската Унија, како на пример Албанија која веќе, слободно можеме да речеме, нè остави за неколку децении зад нејзиниот грб.

На корупцијата никако да ѝ се пресечат пипалата. Напротив таа цвета, а безбедноста на граѓаните исто така е несфатлив проблем, што се гледа во последните случувања со семејното насилство, од што се плаши и најтврдокорниот инвеститор. Во економијата е сѐ врзано и поврзано.
Има уште многу да се реди, за бавноста на администрацијата, за процесот на дигитализација, за едношалтерскиот систем што никогаш не профункционира и покрај големите фалби итн.

Надежта останува во реализација на големите проекти, какви што се коридорите 8 и 10, железници, гасоводот итн. Но, кој ќе ги реализира и дали воопшто ќе се реализираат, затоа што за нив се зборува и се ветува повеќе од 100 години, никој не знае да каже со сигурност, па затоа и надежта дека еден ден ќе се разбудиме во посветла иднина, се чини сè понереална.

(Авторот е новинар)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

The post Во економијата е сè врзано и поврзано appeared first on Слободен печат.