Home Македонија Рекорден скок на македонските аеродроми со најбрз раст во регионот, вели Мицкоски

Рекорден скок на македонските аеродроми со најбрз раст во регионот, вели Мицкоски

Македонските аеродроми бележат најбрз раст во регионот според бројот на патници, а зголемувањето на воздушниот сообраќај е резултат на политиките и активностите преземени во изминатите 25 месеци, изјави премиерот Христијан Мицкоски. Тој посочи дека податоците за растот на бројот на летови и патници покажуваат значително зголемување во споредба со минатата година.

-Бројот на летови и бројот на патници во првите седум месеци веќе не е зголемен за еден, два или три проценти, туку за 20, 30 или 40 проценти- рече Мицкоски.

Според него, податоците доставени од операторот на двата меѓународни аеродрома, како и од Министерството за транспорт, покажуваат дека македонските аеродроми се меѓу најбрзорастечките во регионот.

-Ова е добра вест за граѓаните и за сите оние кои ѝ мислат добро на државата, бидејќи тоа што го работиме 25 месеци полека се консолидира и покажува знаци на отпорност на кризите со кои се соочувавме. Резултатите стануваат сè повидливи- изјави премиерот.

Мицкоски нагласи дека растот на воздушниот сообраќај е значаен за развојот на туризмот, кој, како што рече, е еден од приоритетите на Владата.

-Зголемениот број летови и патници нè мотивира да продолжиме во таа насока. Туризмот е еден од приоритетите, а сведоци сме што се случува овие денови и недели со нашиот туристички бисер, но и со туристичките места низ целата држава- додаде тој.

Владата, според премиерот, ќе продолжи со активности насочени кон подобрување на инфраструктурата и создавање услови за дополнителен развој на туризмот и економијата.