Ниту државен погреб на осудениот воен злосторник Ратко Младиќ, ниту учество на членови на српската влада на церемонијата би било прифатливо за Европската Унија, предупреди ирскиот министер за европски прашања Томас Бирн. Ирска во моментов претседава со ЕУ.
Тој потврди дека претставници на ЕУ интензивно работат на ова прашање, иако голем дел од нивните активности остануваат надвор од јавноста.
Бирн ги опиша настаните во регионот во 1990-тите како „одвратни“.
„Не треба да има никакво сомневање дека она што се случува продолжува да им нанесува болка на луѓето, особено во регионот, но и во некои земји членки на Европската Унија“, изјави ирскиот министер.
Авионот со телото на Ратко Младиќ, кој почина на 27 август во Хаг, на 3 септември слета на белградскиот аеродром „Никола Тесла“. Во авионот, покрај членовите на неговото семејство, биле и српскиот министер за правда Ненад Вујиќ и двајца поранешни соборци на Младиќ.
Ковчегот бил покриен со српското знаме и пренесен од припадници на српската армија.
Синот на Младиќ соопшти дека погребот ќе се одржи на 7 септември на гробиштата „Топчидер“.
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека очекува семејството во наредните денови да ги соопшти своите желби. Државата ќе биде подготвена да обезбеди логистичка и транспортна поддршка, како и да помогне во зачувувањето на јавниот ред, мирот и безбедноста.
Министерот Вујиќ соопшти дека Младиќ ќе биде погребан со највисоки државни почести.
Европската комисија потоа соопшти дека српските власти сами треба да одлучат каква улога ќе имаат на погребот. Комисијата, сепак, нагласи дека величењето на воените злосторници е спротивно на најосновните европски вредности и нема место ниту во ЕУ, ниту во земјите кандидатки.
Бирн повика минатото да биде оставено зад себе, а напорите да се насочат кон помирување и продолжување на тој процес во регионот.
Хашкиот трибунал го осуди Ратко Младиќ на доживотен затвор на 8 јуни 2021 година. Тој беше прогласен за виновен по 10 од вкупно 11 обвиненија за воени злосторства и злосторства против човештвото.
Судот утврди негова одговорност за геноцидот врз околу 8.000 Бошњаци во заштитената зона на ОН Сребреница во летото 1995 година. Поранешниот командант на Армијата на Република Српска беше прогласен за виновен и за прогон и присилно преместување на населението, тероризирање цивили за време на опсадата на Сараево и земање припадници на мировните сили на ОН како заложници.
Младиќ беше прогласен за учесник во заеднички злосторнички план за трајно отстранување на босанските муслимани и Хрвати преку прогон, истребување, убиства, присилно преместување и депортација.
Тој беше осуден и за учество во заедничкиот злосторнички план во Сараево, кој вклучувал ширење терор меѓу цивилното население преку снајперски и артилериски напади, убиства и незаконски напади врз цивили.
Судот го прогласи за виновен и за земањето припадници на ОН како заложници и нивното задржување на стратешки воени објекти со цел да се спречат нови воздушни напади на НАТО врз воени цели на босанските Срби.
Младиќ беше ослободен од обвинението за геноцид во шест општини во Босна и Херцеговина во 1992 година: Приједор, Сански Мост, Кључ, Котор Варош, Фоча и Власеница.

