Русија и Украина во текот на ноќта разменија нов бран напади со беспилотни летала, само еден ден откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека двете страни се договориле да не ја напаѓаат меѓусебната енергетска инфраструктура.
Руски дрон рано утрово погодил бензинска станица во Киев, при што едно лице е повредено, соопшти градоначалникот на украинската престолнина Виталиј Кличко. Во друг дел од градот биле погодени и магацински објекти.
Нападот доаѓа во период кога руските сили сè почесто ги вклучуваат бензинските станици меѓу целите во Украина. Според украинските власти, во изминатите месеци биле погодени околу 300 бензински станици, најголем дел во близина на фронтот.
Во исто време, руското Министерство за одбрана соопшти дека во текот на ноќта биле пресретнати 222 украински дрона над Русија, анектираниот Крим и Црното Море.
Штета е пријавена во Таганрог, каде бил погоден магацин на интернет-трговецот „Озон“, како и во Самарската област, каде нападнат е индустриски објект. Во рафинеријата во Сизрањ, според објавени и верификувани снимки, избувнал пожар.
Гувернерот на Самарската област Вјачеслав Федоришчев соопшти дека во регионот биле пресретнати околу 40 украински дрона и дека е причинета штета на еден индустриски објект.
Во Ростовската област, Таганрог бил цел и на украински ракетни напади. Според локалните власти, нема загинати, но е предизвикана значителна материјална штета и избувнале пожари.
Додека траеле нападите, Полска кратко ја активирала воената авијација како превентивна мерка. Полските вооружени сили соопштиле дека немало нарушување на воздушниот простор на земјата.
Новата размена на напади доаѓа во чувствителен момент, откако Трамп изјави дека Москва и Киев се согласиле да ги прекинат ударите врз енергетски објекти. Украина, сепак, побара конкретни гаранции дека Русија навистина ќе го почитува таквиот договор.

