Шефицата за надворешна политика на Европската Унија, Каја Калас, вчера изјави дека Украина ја очекува уште една тешка воена зима, а надежите за мир во блиска иднина се мали.
Калас го изјави ова по состанокот на министрите за одбрана на земјите од групата Е5 во Париз, оценувајќи дека, и покрај новите дипломатски напори, постапките на рускиот претседател Владимир Путин не укажуваат на приближување кон мирот.
„Русија деновиве повторно започна засилени напади врз Киев и потопи цивилни бродови во Црното Море. Наша задача е да ѝ помогнеме на Украина да се одбрани од нападите“, рече Калас.
Таа потсети дека ЕУ овој месец ги усвои најсеопфатните санкции против Русија од почетокот на војната и најави дека се подготвуваат и дополнителни мерки.
Калас посочи и дека контролите што ги спроведуваат Франција и другите земји членки ги забавуваат бродовите од таканаречената руска „флота во сенка“ и ги принудуваат да користат подолги и поскапи поморски маршрути. Според неа, притисокот врз оваа флота треба дополнително да се засили.
Осврнувајќи се на европската одбрана, Калас истакна дека ЕУ издвојува рекордни средства, но дека тие мора да се искористат за создавање вистински воени капацитети.
„Мораме да продолжиме со модернизација на нашите сили и капацитети за да изградиме посилна Европа во рамките на посилен НАТО“, изјави таа.
Калас предупреди и на сериозен ризик од нова ескалација на конфликтот меѓу САД и Иран, оценувајќи дека таквиот развој би бил на штета на сите.

