Деновите на Мита Тасева почнуваат и завршуваат на гробишта. Седната покрај гробот на својот син Стефан Тасевски – диџеј Цеце, си спомнува за деновите кога животот му беше песна.
– Од сабајле доаѓаме тука, потоа дома, па пак на гробишта. Тоа е нашиот живот – вели Мита тивко, како само за себе.
Нејзиниот Цеце со години пуштал музика во дивата дискотека „Пулс“, каде што заедно со уште 62 млади луѓе, не успеа да излезе жив низ единствениот тесен излез полн со пречки. Не доживеа да си го оствари својот сон да стане светски диџеј, иако една година пред трагедијата си купил нова опрема за пуштање музика.
Опремата не изгоре, но тој се задуши.
Отровниот чад од огнот за неколку минути ѝ го запре здивот на кочанската иднина. Кабарето што со години работело незаконски се пеплоса за миг.
– Музиката му беше во крвта, сето тоа што го направи, го направи со голема желба, со голема љубов. Од својата 15-та година почна да пушта музика по кафулиња. Со текот на времето, како што созреваше, почна да работи и во други градови. Го бараа да развеселува на свадби, на матурски, на забави… Имаше желба да си ја обнови опремата со која работеше. Една година пред трагедијата си ја оствари својата желба, сега таа опрема е дома кај нас. Не е изгорена, ама тој не се врати – вели низ солзи Тасева.
И најрадосните вести ги добиваат на гробишта
Тука, на гробиштата во Кочани, Мита ја дочека и најрадосната вест – дека ѝ се родила внука од нејзината ќерка. Парадоксален е животот, нели? Не беше сама на гробиштата. Во очи на годишнината од несреќата во Кочани се поправаа детали на гробовите.
На гробишта тоа утро почна и за другите мајки чии деца не успеаја да се спасат од отровниот час и пламените јазици кога замираше „Пулс“. Гробови на млади луѓе, наредени еден до друг во Алејата на ангелите, на почетокот на гробиштата во Кочани.
Тоа е денес вистинското лице на трагедијата. Болна реалност на градот што веќе нема никогаш да биде ист. За неколку минути во таа кобна ноќ, на 16 март 2025 година, се смени животот на родителите, на браќата и сестрите, на семејствата и пријателите. Не само на жртвите, туку и на повеќе од 200 повредени во пожарот. Лузните се залечуваат, траумите ќе останат за навек.
И по најголемата трагедија што може да ѝ се случи на една мајка, државата продолжи да копа на отворените рани на неутешните.
– Пред да се случи овој настан, за државата можев да кажам се во позитивна смисла. Животот ни беше убав, имавме колку-толку за да ги задоволиме нашите потреби, бевме среќни. Не нè интересираше и ништо не сме барале од државата. Но по овој настан увидовме дека држава, всушност, нема! Државата за нас ништо не направи – разочарана е Мита што и во неутешноста разочарувањата не стивнуваат.
Жената во црнина вели дека најмногу ја боли неправдата.
– Од тоа што го гледаме на рочиштата, очигледно е дека веќе сите се против нас. Мислам дека нема да има правично судење. Нè обвинуваат само нас, родителите. Ние не бараме ништо, ние бараме само правда за нашите деца и за децата што ќе постојат во иднина. За никогаш да не се случи ова – вели Мита.
Премиерот им рекол – „уште да сте ја напишеле сумата на вашите деца“
Таа плаче додека кажува дека власта наместо да им ги оствари барањата што им ги доставиле, премиерот на една од ретките средби што ги имале, им рекол: „Вие, како и СДС, уште да сте ја напишеле сумата на вашите деца“.
– Власта можеше да ни ги оствари тие барања што ги доставивме, не беа огромни, беа да се обесштетат членовите на фамилијата, на тие луѓе што веќе не се способни за работа да им се даде помош, да им се дадат инвалидски пензии. Имаше уште неколку точки. Бевме на прием кај премиерот и тогаш ни рече: „И вие како СДС, уште да сте ја напишеле сумата на вашите деца“. Имаат ли цена овие деца, која сума ќе ни ги врати овие деца, тоа е она што најмногу нè боли сите нас, родителите – кажува мајката додека липа.
Државата за една година издвои нула денари за овие семејства. Семејствата на загинатите добија по 400 илјади денари за споменици и настрешници, пари што беа обезбедени преку донации што ги собираше Црвен крст веднаш по трагедијата.
– Институционално се слушаат само убаво спакувани ветувања, но вистинската реална поддршка нема. Кога ќе изгубиш некој близок, очекуваш државата да застане зад тебе, но го покажаа најминималното чувство на одговорност. Нè оставија сами да се бориме за најосновните работи, како да бараме услуга, а не правда. Тоа чувство дека си оставен сам беше втор удар по трагедијата што ни се случи – вели Розета Блажева, која е сестра на Јорданчо Џамов, еден од загинатите во кабарето „Пулс“.
Иако голем дел од блиските на загинатите веќе не се способни да работат, мораат секој ден да одат на работа. Она што најмногу ги боли е што власта ги прогласи за „непријатели“. Дури и на комеморацијата во Собранието што се одржа по една година од трагедијата, не беа споменати ниту имињата на загинатите. Премиерот само еднаш се појави на гробиштата во Кочани, пред локалните избори.
– Не знам, ова го нема ни во Авганистан ни во Пакистан. Уште и нè напаѓаат, нè гледаат како противници, како да сме ѓаволи, одат контра, како ние да сме виновни, како ние да сме ги пуштиле децата да загинат. Дури ни велат – зошто сме ги испратиле децата во диското, срамота! Барем малку да имаа доблест и чест кон децата, но како што гледате, кучињата си лаат, карванот си врви. Ние ќе си плачеме на нашите гробови, а тие ќе се полнат со пари. Јас, како татко на моето дете, 60 години работев за да му изградам куќа и сега кому ќе остане таа куќа? А тие, (пратениците, н.з.) за четири години ќе се „нафатираат“ со пари, ќе остварат профити, оставаат пари за поколенија. Срамота и гревота за нашите деца. Ова не е судбина, туку убиство од небрежност на институциите. Ако институциите работеа како што треба, нашите деца сега ќе шетаа, ќе пиеја кафе. За жал, сме се родиле во таква држава – рече Драги Стојанов, татко на загинатиот Томче Стојанов.
Се шепоти за обидите на власта да ги контролира тагата и гневот
Додека гробиштата се полнат, центарот на градот е полупразен, иако градот се обидува да се врати во нормала. Тешко е да се најде некој од преживеаните повредени гости на кабарето во таа кобна ноќ. Голем дел од нив го напуштиле градот овие денови, најверојатно за да ја пребродат полесно годишнината.
Она што се чувствува во градот е дека болката не ги сплотила, туку ги разединила граѓаните. Дури ни во Здружението на граѓани „16 март 2025 година“ не учествуваат сите родители што изгубиле дете во трагедијата. Иако гласно не се зборува, се шепоти дека некои од родителите се вработени по институции, па се откажале од барањето правда. Се шепоти и за обидите на власта да ја контролира тагата, да го контролира гневот. Освен со неправедната држава, родителите се соочуваат и со неправедното општество околу себе.
– Во почетокот, на маршевите бевме во поголем број. Со текот на времето, и бројот на маршевите се намалува. Од таа гледна точка гледаме дека луѓето нè напуштаат и дека не се тоа тие исти луѓе за кои мислевме дека се. Зашто, како што велат, во најтешките моменти ќе ги видиш вистинските пријатели и роднини. Има луѓе што сочувствуваат со нас, има такви што само нè удираат по рамото, има луѓе што не можат да ни пријдат, не знаат кои зборови да ги употребат – вели Мита Тасева.
Кој дозволил Деко да работи незаконски?
Болката ги разгневи родителите, па им замеруваат и на оние што додека маршираат седат по кафулиња и пијат кафе. Животот продолжува да тече, но Кочани никогаш нема да биде истиот град. Повозрасните жители не го паметат градот ваков.
– Никогаш не било вака, имало на времето некои меѓупартиски инциденти, но тоа е занемарливо во однос на она што се случи минатата година. Повремено одам маршевите за ангелите, иако не ја гледам и целта на сето тоа. Сигурно дека виновниците имаат име и презиме, но моето мислење е нерелевантно во однос на она на родителите. Прво, постојат најдиректни виновници, се знае кој дозволил да се користи пиротехника во затворен простор и сите оние работи поврзани со градоначалници, министри… Мислам дека можеби имаат минимална вина, но директна вина, се знае – кој, што, како… Секогаш е виновен системот за многу нешто, но не знам дали нешто во оваа држава системски функционира. Не дај Боже да се прават детални проверки, ништо нема да функционира – вели еден повозрасен кочанчанец, кој седеше на клупа во Паркот на револуцијата во центарот на Кочани и кој беше еден од ретките што сакаа да разговараат.
Младите ни бегаа, велат дека не им е пријатно да зборуваат на оваа тема. За блиските на загинатите, пак, највиновни се институциите што му дозволиле на сопственикот на дискотеката Дејан Јованов Деко незаконски да работи со години.
– Според мене, највиновни се институциите што му дозволиле да работи со лажни лиценци, без почитување на прописите, без доволно противпожарни апарати. Најгневни бевме на полицијата. Според кажувањето на сведоците, полицајците што биле таму во моментот, не пружале помош. Стоеле како спасувањето да не е нивна работа. А пуштале малолетници во дискотеката, задоцниле со рацијата, не ја сопреле забавата за да се направи рација. Болницата, пак, не им пружила помош навреме. Гледавме ние изгорени деца додека бевме во Штип. Ги носеа со обесени кожи, со изгорени лица. Оние што загинаа, сите се задушени. Не беше ниту едно изгорено, ама не им пружиле соодветна помош. Мојот син немаше ни гребнатинка, немаше ништо изгорено. Не му е пружена помош, бил жив пред диското, но онесвестен. Го реанимирале, го освестиле, го однеле директно во Штип, но дали по патот или во самата болница – починал – вели Тасева.
Еден од најголемите судски процеси
На обвинителна клупа веќе се 35-мина обвинети, меѓу кои газдата на дискотеката Деко, неговиот син, неговиот брат што продавал билети, но и поранешни градоначалници и министри. Ова обвинение, кое беше скроено додека на чело на Републичкото јавно обвинителство беше Љупчо Коцевски, кој го бранеше „каузалитетот“, односно причинско-последичната поврзаност на пожарот со системските пропусти, беше остро критикувано од правниците. Но, Коцевски го поднесе, а судот го прифати, па сега во еден од најголемите судски процеси се докажува дека сите обвинети за виновни за пожарот.
Правниците предупредуваа дека со ова обвинение се ризикува да се премине линијата меѓу вистинската одговорност и јавната претстава за задоволување на јавната жед за крв под наплив на емоции. Наративот на власта беше дека за трагедијата ќе одговара секој што е поврзан со неа на каков било начин.
Коцевски го поднесе обвинението со исто кривично дело за сите обвинети, но сепак власта остана доследна во намерата да го разреши. Непосредно пред да биде разрешен во Собранието, тој си поднесе оставка. За разлика од ова обвинение, Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција за пожарот во одвоена постапка обвини само актуелни командири и полицајците што биле во дискотеката, додека другите ги товари за други кривични дела.
Мита Тасева, како и сите други родители, докрај ќе се борат правдата да излезе на виделина. Но таа ја кажа својата вистина.
– Нашиот живот е тука. Нашите иднини се тука.
Нивните животи се меѓу гробовите!
Камера: Методи Здравев
The post ВИДЕО | „Слободен печат“ во Кочани, градот на тагата и гневот – година помина, болката никако appeared first on Слободен печат.







