Регионалната канцеларија за младинска соработка – RYCO го одржа првиот промотивен настан од серијата активности со кои се одбележува затворањето на тригодишната програма Western Balkans Youth Cultural Fund. На настанот присуствуваа млади уметници, културни работници и претставници на граѓански организации од регионот.

Средбата започна со пристигнување и вмрежување на грантистите, по што следеше презентација на програмата на RYCO и досегашните резултати од фондот. Учесниците имаа можност да ги претстават своите проекти, но и да споделат лични искуства за тоа како поддршката од фондот им помогнала да ги развијат своите идеи и да создадат нови културни иницијативи.
Western Balkans Youth Cultural Fund има за цел да ги поврзе младите од регионот преку културата и уметноста, поттикнувајќи креативна соработка, интеркултурен дијалог и градење мир. Од своето воспоставување во октомври 2023 година, фондот поддржа 105 иницијативи, во кои учествувале повеќе од 850 млади уметници, културни практичари и младински активисти од Западен Балкан.

Програмата е создадена како одговор на потребата младите од регионот да имаат повеќе простор и можности да придонесуваат во своите заедници преку културата и уметноста. Истовремено, таа ја поттикнува регионалната соработка, вмрежувањето и партнерствата меѓу младите, како и развојот на независната културна сцена.

Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO) е меѓувладина организација која ја поттикнува регионалната и интеркултурната соработка меѓу младите во шесте земји од Западен Балкан – Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија. Организацијата создава можности младите да учат едни од други, да разменуваат идеи и заеднички да придонесуваат кон демократски развој, општествен напредок и регионално помирување.

Western Balkans Youth Cultural Fund е повеќегодишна иницијатива финансирана од Германското федерално министерство за надворешни работи, која ја спроведува RYCO со поддршка од владите на земјите од Западен Балкан. Проектот ќе трае до септември 2026 година, со цел дополнително да се зајакне културната соработка и младинскиот активизам во регионот.

СП. соработка
The post ВИДЕО: RYCO ги промовираше резултатите од тригодишната програма Western Balkans Youth Cultural Fund appeared first on Слободен печат.







