„За жал, Македонија има озлогласен рекорд на Балканот по времето на чекање за почеток на преговорите за пристапување во ЕУ, и покрај тоа што е земја-кандидат од 2005 година“, вели поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров, на панел-дискусија за проширувањето на ЕУ што се одржа вчера во Париз, Франција.
„Мојата земја е озлогласен пример за тоа како не треба да се спроведува процесот на проширување. Повеќе од 20 години сме во чекалната на ЕУ, не поради недостаток на реформи, туку сме блокирани поради билатерални прашања. И не вистински, економски или територијални, туку прашања што се повеќе метафизички – за историјата, идентитетот, името… Со Преспанскиот договор во 2018 година, отстранивме една од главните пречки, долгата блокада од Грција поради спорот за името. Но, очигледно, ова не беше доволно.“
„Сега имаме предизвик со друг сосед, Бугарија, и повторно, билатерален спор стои на патот на нашата европска интеграција“, рече Димитров на панел-дискусијата „Проширување на ЕУ: Стратешки избор“, организирана од Францускиот институт за меѓународни односи (IFRI).
Тој, исто така, нагласи дека во време на големи геополитички предизвици, проширувањето е прашање на стабилност и безбедност како никогаш досега, а уште повеќе дека мора да направиме сѐ што е во наша моќ за да обезбедиме интегрираност на овој регион.
The post Димитров: Македонија е пример за тоа како не треба да се развива процесот на проширување на ЕУ appeared first on Во Центар.








