Нов шок за цените на горивата стигна од Регулаторната комисија за енергетика. Додека сите очекуваа намалување на цените, откако суровата брент нафта се намали во текот на минатата недела од достигнатиот пик минатиот понеделник од околу 120 долари за барел, регулаторите сепак пресметаа зголемување на цената на бензините и на дизелот.
Од ноќеска на полноќ се зголемува цената на бензините за 7 денари во однос на цената утврдена со одлуката од 9.3.2026 година. Новата цена на евросупер БС-95 изнесува 86,5 денари за литар, а малопродажната цена на евросупер БС-98 изнесува 88,5 денари за литар.
Цената на евродизел се зголемува за 6,5 денари за литар и тој се продава по 92 денари за литар.
Се зголемува и цената на екстра лесното масло за домаќинства за 7 денари и тоа чини 89,5 денари, како и на мазутот – за 4,867 денари за килограм и тој сега се продава за 47,453 денари за еден килограм.
Од Регулаторна комисија за енергетика во повеќе наврати објаснија дека методологијата за пресметка е таква што цените не се врзуваат со цените на суровата нафта на берзите, туку со конкретен производ, односно со цената на дизелот, или на дизелот на конкретна берза. Дополнително влијание има курсот на доларот.
„Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување кај бензините во просек за 16,964 проценти или за 136,75 долари за тон, кај дизелот зголемувањето е во просек за 11,714 проценти или за 117,5 долари за тон, кај екстра лесното масло зголемувањето е во просек за 13,059 проценти или за 123,95 долари за тон и кај мазутот зголемување во просек за околу 14,591 проценти или за 72,4 долари за тон, поради што во структурата на цените на нафтените деривати е извршено соодветно приспособување. Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период, во просек изнесува 53,2915 денари за долар и е за околу 0,8453 проценти повисок од курсот на доларот (52,8447 денари за долар) по кој беа формирани цените со претходната пресметка. Имајќи ги предвид влијанијата на овие елементи во формирањето на цените на нафтените деривати според Методологијата, малопродажните цени на нафтените деривати согласно Методологијата за формирање на цените се зголемуваат во просек за 8,98 проценти“, соопшти Регулаторната комисија за енергетика.
Само пред една недела, дизелот поскапи за 14,5 денари, а бензините за 5 денари.
Во петокот имаше заедничка прес конференција на министерката за енергетика Сања Божиновска, со директорот на „Окта“, Димитриос Пасхос. Истиот ден, набавната цена по која Окта го продаваше бензинот и дизел-горивото се намали за 2 денари, или заедно со ДДВ речиси за 2,5 денари. Министерствата за енергетика порача дека очекува дека ова намалување ќе го земат предвид трговците со нафта. Таа потсети дека Регулаторната комисија за енергетика ја одредува највисоката цена по која тие може да продаваат, додека тие може да продаваат и по пониски цени.
И директорот на „Окта“ рече дека „трговците на големо и мало остануваат целосно слободни самостојно да ги утврдуваат своите продажни цени“, но дека како општествено одговорна фирма тие ги намалуваат цените. Пасхос ова намалување го поврза и со продуктоводот Вардакс, кој по долги години мирување пак е ставен во функција.
Но, дали намалувањето на цените од „Окта“ ќе бидат ќар за трговците со нафтени деривати? Ова беше и новинарско прашање што на прес-конференцијата беше поставено на министерката Божиновска. Таа одговори:
– Јас не ги знам нивните точни профити за годинава, но од минатите знам дека сите се во плус и затоа апелирам сите заеднички да се заложиме во овој период додека трае кризата.
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, истиот ден излезе со уверување дека крајната цена ќе се намали за 2,5 денари. Тој тоа го очекуваше уште во петокот. Но, бензинските пумпи не реагираа.
„Макпетрол“ излезе со став дека очекувал уште поголемо намалување на цените од страна на „Окта“ и предложи замрзнување на цените како најдобро решение.
За 8 дена дизелот ни поскапи за 29,6 проценти, а бензините за 15
Од воените интервенции во Иран имаше две поскапувања на горивата. Едното минатиот понеделник и другото денеска. Вкупно, бензините поскапеа за 12 денари, а дизелот дури за 21 денар.
Така, пред 8 дена бензинот БС 95 беше 74,5 денари и поскапувањето е 15,4 проценти.
БС-98 бил 76,5 денари и поскапувањето е 15 проценти.
За дизелот, скокот на цената е дури 29,6 проценти, од тогашните 71 на 92 денари
The post Зошто има ново поскапување на бензинот и на дизелот, наспроти очекувањата за поевтинување? appeared first on Слободен печат.







