Иран официјално не се откажал од настап на Мундијалот

Азиската фудбалска конфедерација соопшти дека досега не добила никакво официјално известување од Иран дека планира да ја повлече својата репрезентација од Светското првенство во фудбал, пренесува Ројтерс.

Иран веќе обезбеди пласман на Мундијалот, кој за првпат во историјата ќе се одржи во три земји, Соединетите Американски Држави, Канада и Мексико во периодот од 11 јуни до 19 јули. Според распоредот, иранската селекција треба да одигра два натпревари во Лос Анџелес и еден во Сиетл.

Сепак, претходно министерот за спорт на Иран изјави дека постои можност репрезентативците да не можат да настапат на турнирот, поради безбедносни причини, откако САД и Израел извршија воздушни напади врз Техеран.

Минатата недела и претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека Иран е добредојден на шампионатот, но додаде дека можеби не е најсоодветно да учествуваат поради сопствената безбедност.

Генералниот секретар на Азиската фудбалска конфедерација, Виндзор Џон, изјави пред новинарите во Куала Лумпур дека ситуацијата е многу чувствителна, но дека конечната одлука мора да ја донесе Фудбалската федерација на Иран.

Доколку навистина дојде до повлекување на Иран, тоа би бил прв ваков случај во модерната историја на Светските првенства, а ФИФА би морала во краток рок да пронајде замена за нивното место на турнирот.

Одлуката, сепак, мора да биде донесена многу брзо, бидејќи бараж натпреварите се закажани за само десет дена.

Инфантино: Трамп повтори дека Иран е добредојден да игра на Светското првенство 2026

The post Иран официјално не се откажал од настап на Мундијалот appeared first on Слободен печат.