Народната банка одлучи основната каматна стапка да ја остави на исто ниво од четири проценти.
– Одлуката за монетарната политика се носи во услови на исклучително зголемена светска неизвесност и непредвидливост, предизвикана од неодамнешното избувнување на воениот конфликт на Блискиот Исток. Првичните ефекти се видливи преку нарушувањето на снабдувањето со нафта во светот и растот на цените на енергентите. Севкупните ефекти врз светската економија се условени од интензитетот и времетраењето на конфликтот на Блискиот Исток. Евентуалното подолго времетраење, како и проширување на воените дејства ќе предизвикаат подолготрајни нарушувања на пазарот на енергенти, посилно зголемување на нивните цени, пролонгирана неизвесност, раст на општото ценовно ниво и полоши економски изгледи, велат од Народната банка.
Гувернерот Трајко Славески денеска изјави дека состојбата се следи. Шокот од кризата е поголем од оној од времето на пандемијата и најголем предизвик ќе биде да се заузда инфлацијата, а притоа да не се влијае на економскиот раст.
– Народната банка располага со девизни резерви кои се за околу 70 проценти повисоки од пред пандемијата, односно околу 5,5 милијарди евра што е значајно за стабилноста на девизниот курс. Имавме мала конверзија на денарски депозити во странска валута во првата недела по конфликтот, но тоа веќе се нормализираше. Депозитите се стабилни, па дури и растат. Можно е зголемената цена на нафтата да се одрази врз трговското салдо и потребата од финансирање преку девизните резерви, изјави гувернерот.






