Државниот завод за статистика бележи зголемување на трошоците на живот од 4,9 проценти во март, а на цените на мало од 3,4 проценти.
Зголемување има и на месечно ниво па така во однос на февруари зголемени се трошоците на живот кај транспортот за 3,4 проценти, алкохолните пијалоци и тутунот за 3,2 проценти, храната за 0,4 проценти….
Статистика бележи раст и на угостителските услуги за 2,4 проценти во однос на март лани, додека во периодот јануари – март годинава скок од 3 проценти во споредба со истиот период лани.
Од Владата најавуваат таргетирани мерки по Велигденските празници. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека со мерките за намалување на ДДВ-то за горива и намалување на акцизите оневозможиле инфлацијата да биде двојно поголема. Мерките што би се носеле, според Мицкоски, би биле комбинирани – намалување на ДДВ и ограничување на профитната маржа.
Во денешната изјава за медиумите, Мицкоски рече дека одлуките треба да се носат паметно и мудро.
– Врз основа на нашите пресметки очекуваме инфлацијата да се движи меѓу четири и пол и пет проценти во март. Ќе имаме засилување. Тоа засилување беше видливо во втората половина од март. Ќе правиме анализи и се разбира дека ќе донесеме одлука како и што понатаму ќе правиме, рече Мицкоски.






