Home Македонија Регулаторна со нови цената на бензините!

Регулаторна со нови цената на бензините!

Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука за новите малопродажни цени на нафтените деривати, која вклучува намалување на акцизите и повластена стапка на ДДВ од 10% (освен за мазутот). Одлуката стапува на сила од ноќеска по полноќ.

Според новата одлука, максималните малопродажни цени на горивата ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95: 83,50 ден/литар
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98: 85,50 ден/литар,
Дизел ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V): 98,00 ден/литар
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1): 95,50 ден/литар
Мазут М-1 НС: 51,311 ден/килограм
Со оваа одлука, малопродажните цени на нафтените деривати се зголемуваат во просек за 1,41% во однос на претходната одлука од 30 март 2026 година. Од Регулаторна укажуваат дека зголемувањето на светските референтни цени и на курсот на денарот би довело до повисоки цени доколку не беа интервенциите на Владата за намалување на акцизите и ДДВ-то.
Регулаторната комисија дополнително ги повика нафтените компании да го вкалкулираат обезбедениот попуст од страна на Владата со главниот добавувач ОКТА, со што граѓаните ќе можат директно да го почувствуваат ефектот: поевтинување од 3 ден/литар за дизел и 2 ден/литар за бензин.
– Доколку не се продолжеше времетраењето на намалениот ДДВ и не се интервенираше во акцизата, цената на бензините ќе беше повисока за 8,50 ден/литар, а дизелот за 12,00 ден/литар – потенцираат од РКЕ и велат дека интервенцијата овозможува поевтини горива и стабилност на пазарот.
Намалувањето на цените е дел од мерките за заштита на стандардот на граѓаните и стабилноста на економијата во услови на глобални флуктуации на нафтениот пазар.
Регулаторната комисија ја донесе одлуката согласно владината одлука за намалување на акцизите.
– Овозможивме Регулаторната комисија да ги намали акцизите за дизел од 4 денари по литар, а за бензините од 2 денари по литар. Исто така, во разговор со ОКТА, успеавме да обезбедиме дополнителен период од еден месец за попустот од 3 денари за дизел и 2 денари за безоловен бензин. Кога сето ова ќе се стави во функција, за бензините треба да имаме поевтина цена, а за дизел не би требало да имаме покачување на одредени бензински пумпи, и покрај сериозната предизвикувачка состојба во државата – истакна Мицкоски.
Премиерот нагласи дека состојбата со резервите на гориво е стабилна.
– Од аспект на количини сме стабилни. Потрошувачката се зголеми од 1,5 милиони литри на 2 милиони литри на ден. Имаме притисок од пограничните места. Ја продолживме мерката за ДДВ од 18 на 10 проценти, со цел да го заштитиме стандардот на граѓаните и бизнисот – изјави Мицкоски.