Лидерот на опозициската СДСМ и поранешен министер за здравство, Венко Филипче, категорично ги отфрли сомнежите за криминал во неговото досегашно работење. Коментирајќи ги најавите од премиерот Христијан Мицкоски за можни апсења на поранешни функционери, Филипче кусо и остро порача дека одговорите и толкувањата треба да се бараат директно кај шефот на Владата.
Во својата изјава, Филипче застана во одбрана на својот личен и професионален интегритет, потенцирајќи дека неговата кариера е чиста во сите нејзини фази – од лекарската професија до политичкиот ангажман.
„Мојата работа била чесна. Секогаш – и како доктор, и како владин функционер, и сега. Во мое време никогаш, ниту во мојот систем и на Клиниката за неврохирургија, ниту пак во Министерството, немало системска корупција“, дециден е Филипче во интервју за Тв24.
Игнорирање на провокациите: „Како да имам чувства за неговите чувства?“
На директно новинарско прашање да ги прокоментира изјавите на премиерот Мицкоски и да каже на кој поранешен премиер тој алудира кога најавува апсења, лидерот на СДСМ одби да навлегува во толкувања на туѓи изјави.
На инсистирањето на новинарите што мисли тој за целата ситуација, Филипче во неколку наврати го повтори истиот став:
„А прашајте го Мицкоски. Како јас можам да имам чувства за неговите чувства? Тоа па ич. Прашајте го Мицкоски“, заклучи Филипче, одбивајќи понатамошна дебата на оваа тема.

