ВИДЕО | Хавиер Бардем испрати силна порака на Оскарите: „Не за војната, ослободете ја Палестина“

Шпанскиот актер Хавиер Бардем на церемонијата на 98. доделување на Оскарите, одржана во театарот „Долби“ во Лос Анџелес, изрази поддршка за народот на Палестина, по што беше поздравен со аплауз од присутните.

Пред да ја врачи наградата за најдобар странски филм, Бардем порача:

„Не за војната и ослободете ја Палестина!“

На сакото носеше значка со натпис „Не за војната“, како и значка во знак на поддршка за Палестина. На црвениот тепих, пред почетокот на церемонијата, изјави:

„Денес сум тука и го осудувам геноцидот во Газа. Се повикувам на Меѓународното здружение на експерти за проучување на геноцид, организација која темелно го истражува геноцидот и го прогласи случувањето во Газа за геноцид. Затоа бараме трговска и дипломатска блокада, како и санкции кон Израел за да се запре геноцидот. Ослободете ја Палестина.“

Бардем и претходно изјави дека поради поддршката на палестинскиот народ губи актерски ангажмани, но нагласи дека е решен да остане на страната на вистината.

Минатиот месец тој беше меѓу потписниците на јавно писмо во кое се критикува Меѓународниот филмски фестивал во Берлин поради молкот за случувањата во Газа.

The post ВИДЕО | Хавиер Бардем испрати силна порака на Оскарите: „Не за војната, ослободете ја Палестина“ appeared first on Слободен печат.