Home Македонија Николоски: Ветерни паркови, нов аеродром и когенеративни централи – храбро грабиме во...

Николоски: Ветерни паркови, нов аеродром и когенеративни централи – храбро грабиме во 21 век

Владата е рамноправен партнер на домашните компании кои инвестираат во зелената транзиција и придонесуваат за енергетската независност на државата, порача вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на отворањето на новите капацитети за производство на електрична и топлинска енергија на компанијата „Теса Енерџи“ во Скопје.

Николоски оцени дека инвестицијата покажува оти домашните компании и домашниот капитал можат да ги следат современите светски трендови во енергетиката.

„Би сакал да му честитам на инвеститорот Ајри Шеј, кој навистина направи еден храбар чекор да покаже како може да се инвестира со домашен капитал. Се надевам дека нема да застане тука и дека ќе има и нови инвестиции и дека ќе гледаме и нови постројки“, рече Николоски.

Тој најави дека Министерството за транспорт ќе продолжи да ги поддржува ваквите инвестиции, вклучително и преку побрзо завршување на административните процедури.

Според Николоски, новата когенеративна централа ќе има придонес и во намалувањето на загадувањето во Скопје, заедно со другите проекти што ги најавува Владата.

„Зелената транзиција е она што ѝ е потребно на државата. Секако, оваа инвестиција ќе придонесе и да се намали загадувањето во рамки на градот Скопје, што паралелно со останатите проекти коишто ги правиме за градот Скопје — како што е воведувањето на градски воз, како што е набавката на нови електрични автобуси — многу ќе придонесе во намалувањето на загадувањето“, рече Николоски.

Вицепремиерот ја смести инвестицијата во поширокиот инвестициски циклус што Владата го промовира во изминатите денови, посочувајќи ги проектите во енергетиката и инфраструктурата.

„Имаме след од неколку дена на инвестиции коишто се инвестиции на 21 век — дали се работи за ветерен парк, дали се работи за практично нов аеродром или се работи за оваа когенеративна централа“, рече Николоски.

Тој упати и политичка порака до критичарите на најавените инвестиции во дата-центри.

„И додека едни се против дата-центри и да останеме или да се вратиме во 19 век, ние храбро грабиме во 21 век. Владата предводена од премиерот Мицкоски има јасна визија каде треба да се движи државата, а тоа е во насоката којашто ја гледаме и денес“, порача Николоски.