Авион на линијата Тел Авив – Виена слета во Софија поради дојава за закана со бомба, соопшти бугарското Министерство за транспорт. Патниците се симнати од авионот, а на аеродромот се вршат проверки.
Според првичните информации, во авионот имало шест членови на екипажот и 51 патник. Екипажот пријавил дека добил дојава за закана со бомба во близина на границата меѓу Бугарија и Романија, по што одлучил итно да слета во Софија.
Во согласност со процедурите, борбен авион на бугарските воздухопловни сили полетал и го придружувал патничкиот авион до слетувањето на аеродромот во Софија. Патниците биле симнати од авионот. Формиран е оперативен штаб, а надлежните институции започнале проверка.
Од бугарското Министерство за одбрана соопштија дека воздухопловните сили извршиле задача за обезбедување на воздушниот простор во рамките на мисијата „Ер полисинг“. Биле активирани дежурните борбени авиони МиГ-29, а операцијата била спроведена во координација со Обединетиот центар за воздушни операции на НАТО во Торехон, Шпанија.
За инцидентот известуваат и израелските медиуми. „Тајмс оф Израел“ пишува дека авионот превезувал делегација млади луѓе кои требало да зборуваат пред Обединетите нации. Пренасочувањето на авионот било извршено поради сомнеж за закана со бомба.
„Једиот Ахронот“ наведува дека загриженоста за безбедноста се појавила откако на авионот бил пронајден сомнителен предмет. Според весникот, екипажот пријавил вонредна ситуација.
Изданието информира и дека од „Луфтханза груп“, сопственик на „Австриски ерлајнс“, соопштиле дека патниците ќе бидат префрлени на друг лет што е можно поскоро.

