Home Македонија Епидемијата во Гостивар има смирувачки тренд, од вчерашните 290, денес има 190...

Епидемијата во Гостивар има смирувачки тренд, од вчерашните 290, денес има 190 нови пациенти, вели Клековски

Продолжува да се намалува бројот на пациенти во Гостивар ко бараат лекарска помош. Министерот за здравство Сашо Клековски кажа дека бројката на граѓани кои бараат медицинска помош за еден ден се намалил за 100.

„На темата на епидемијата во Гостивар, можам да кажам дека сме во понатамошен смирувачки тренд на епидемијата. Од вчерашната информација дека имавме околу 290 пациенти со прв контакт со доктор, денеска се 190 и соодветно. Значи имаме намалување натамошно, и тоа е веќе значително намалување од првиот бран во саботата кога имаше над или околу 600 пациенти“, рече министерот Клековски при посетата на Универзитетската клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“ .

Здравствените тимови, како што кажа министерот Клековски, продолжуваат со поддршка на сите епидемиолошки активности неопходни да се утврди етиологијата на настаните за да не се повторуваат вакви инциденти во Гостивар.

„Вчера со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски бевме на координативен состанок со градоначалникот на општината и со тимот испратен од ‘Водовод и канализација’ – Скопје. Морам да кажам дека ‘Водовод и канализација’ ги има веројатно најподготвените стручњаци за одржување на водоводи и имаат сопствена лабораторија. Се воспостави заеднички тим со Јавното комунално од Гостивар и се работи на планот на враќање во употреба на водоводната мрежа. Тоа ќе вклучи постојани проверки на квалитетот на водата на излезни точки во градот, како во болницата, во градинките, во верските објекти, јавни чешми и слично“, рече министерот Клековски.

Денес Управувачкиот комитет за кризни состојби предвидено е да го почне планирањето на се она што треба да се преземе за градскиот водовод во Гостивар повторно да биде вратен во функција. Комитетот целосно ќе се насочи кон чистење н водоводот оти, како што кажа министерот, се смета дека здравствената состојба веќе е целосно под контрола и во смирувачки тренд.