Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган упати остро предупредување до Грција поради, како што оцени, продолжувањето на вооружувањето на островите со демилитаризиран статус, порачајќи дека Атина треба да го напушти „погрешниот пат“.
„Грција мора да се откаже од овој погрешен пат и да престане да ги вооружува островите со демилитаризиран статус. Историјата е многу добар водич за оние што учат од неа“, рече Ердоган, одговарајќи на новинарски прашања за време на летот од Бишкек.
Тој нагласи дека Турција сака односите со Грција да се развиваат врз основа на добрососедство и дека Анкара досега настапувала искрено и конструктивно.
„Турција нема претензии кон туѓа територија, но нема да дозволи никој да ги погазува нејзините права. Кој мирниот и разумен пристап на Турција го толкува како слабост, прави голема грешка“, порача турскиот претседател.
Ердоган додаде дека игнорирањето на меѓународните договори, според него, нема да му донесе корист никому.
Турскиот претседател се осврна и на средбата со рускиот претседател Владимир Путин во Бишкек, која ја оцени како „многу продуктивна“ и „многу искрена“. Двајцата разговарале за војната меѓу Русија и Украина, но и за енергетиката, трговијата, туризмот и инвестициите.
Ердоган порача дека Турција е подготвена да направи сè што може за да го поддржи мировниот процес меѓу Москва и Киев.
„Факт е дека мирот, а не војната, ќе победи“, рече тој, додавајќи дека ниту Путин ниту Турција не сакаат продолжување на војната и дека Анкара сака мирот што побрзо да преовлада во регионот.
Говорејќи за новиот одбранбен сојуз меѓу Турција, Пакистан и Саудиска Арабија, Ердоган оцени дека првиот состанок на Стратешкиот политички и воен комитет во Истанбул претставува важен чекор кон негово активирање.
На состанокот министрите за надворешни работи и за одбрана, како и началниците на генералштабовите на трите земји, разговарале за воспоставување и активирање на секретаријатот, соработка во одбранбената индустрија, воена обука, стандардизација и размена на информации за закани, капацитети и ресурси.
Ердоган рече дека некои земји отворено или зад сцената реагирале на формирањето на сојузот, но нагласи дека неговата цел е зајакнување на регионалната стабилност и безбедност.
„Заедно со нашите браќа ќе продолжиме по нашиот пат уште посилни“, порача Ердоган.

