Home Македонија И водата во Крушево е неисправна за пиење!

И водата во Крушево е неисправна за пиење!

Јавното претпријатие „Комуна“ од Крушево, повикувајќи се на информации од Центарот за јавно здравје од Прилеп, вели дека водата во Крушево е бактериолошки неисправна, па препорачува локалните жители за пиење да користат пакувана вода.

„Исто така, при испитувањето на крај патните чешми бензиска пумпа и ‘Св. Петка’, земени на 20 јули, е констатирана бактериолошка неисправност и истите не смеат да се користат како вода за пиење“, нагласуваат од претпријатието.

Според „Комуна“, водата од градскиот водовод, како вода за лична хигиена, приготвување на храна, перење и миење на садови, жителите можат да ја користат само после превривање од минимум 10 минути.

„Исто така, информираме дека се врши редовно хлорирање на водата и секојдневно се врши контрола на присуството на хлор. Препораките важат се до добивање на 3 (три) последователни исправни примероци од водата“, посочуваат од претпријатието.

Оттаму посочуваат дека Центарот за јавно здравје Прилеп ќе биде во постојана комуникација со надлежните институции и ќе ги информира жителите на Крушево.