Прилепскиот регион се соочува со недоволен опфат на имунизација, што го зголемува ризикот од појава на епидемии. Додека државниот просек изнесува 62 проценти, потребниот опфат е најмалку 95 проценти. И во Прилепско, иако процентот е нешто повисок, сè уште е недоволен, предупредуваат од Центарот за јавно здравје.
Како главни проблеми се посочуваат недостигот од лекари и медицински сестри, ограниченото работно време на тимовите за вакцинација, како и недоволната информираност на родителите. Кај МРП вакцината, проблемот почесто е во одложувањето, отколку во целосното одбивање.
Епидемиолозите предупредуваат дека потребни се измени во законската регулатива, поголем ангажман на матичните лекари и борба против дезинформациите. Вакцинацијата, велат, не е само одговорност на родителите, туку и заштита на целата заедница.

