Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска информираше дека склучен бил договор на набавка на 3.300 нови контејнери.
– Склучен е договор на набавка на 3.300 нови контејнери за почисто и поуредно Скопје!
Почитувани скопјани,
потпишан е договорот за набавка на 3.300 нови контејнери, најголемата набавка од ваков тип во изминатите години, со која темелно ќе го унапредиме системот за собирање отпад во главниот град.
Новите контејнери значат почисти населби, помалку отпад на улиците, навремено празнење и подобри услови за работа на екипите на ЈП „Комунална хигиена“.
Само за споредба, во изминатите 12 години биле набавени околу 1.300 контејнери – бројка недоволна за потребите на цело Скопје.
Последиците од таквата негрижа сите ги гледавме – преполни и оштетени контејнери, отпад околу нив и нарушена слика на градот.
Но, ние ја менуваме таа реалност!
Она што е важно да се нагласи е дека контејнерите што претходно се набавувале од моите претходници, биле по цена од повеќе од 18.000 денари по парче, а ние денес ги набавуваме за 9.600 денари – речиси двојно поевтино, и тоа во услови на глобално зголемени цени.
Ова е доказ дека кога се работи чесно, домаќински и одговорно, може да се направи многу повеќе со парите на граѓаните.
По новите возила за ЈП „Комунална хигиена“, пристигнуваат и 3.300 нови контејнери.
Чекор по чекор, создаваме функционален систем и ставаме крај на хаосот со отпадот.
Го слушаме гласот на граѓаните, ги решаваме наталожените проблеми и ја менуваме сликата што ни беше оставена.
Времето на негрижа завршува.
Време е за чисто, уредно и достоинствено Скопје! – стои во објавата на Фејсбук.

