Македонскиот парламент, попладнево, во рамките на 104. седница, едногласно со 82 гласа „за“ го донесе Кодексот за етичко однесување на пратениците во Собранието.
Пратениците исто така ја почнаа дебатата за утврдување на потребата за носење на предлог-законот за соодветна и правична застапеност.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, истакна дека со Кодексот за етичко однесување на пратениците се определуваат основните принципи и стандарди на етичко однесување и постапување на пратениците во Собранието. Гаши објасни дека Кодексот е доработен со поддршка на Националниот демократски институт.
Предлог-законот за соодветна и правична застапеност во Собранието предизвика дебата, пред сè, меѓу пратениците Албанци, а владиниот предлог го образложи вицепремиерот за европски прашања, Беким Сали.
– Дискутираме за закон за правична и соодветна застапеност, должност што произлегува од Охридскиот договор и Уставот. Денеска, првпат пред ова Собрание имаме законско решение со кое ова законско начело го претвораме во закон и ова е причината зошто овој закон има историско значење. По 24 години, овој принцип од договорот ние го претвораме во закон – рече Сали.
Вицепремиерот рече дека балансерот бил само бајпас, а дека едно уставно право треба да биде заштитено со закон и соодветната и правична застапеност треба да се реши системски.Овој закон, како што рече тој, создава механизам за проверка на неговото спроведување.
– Се предвидува и политичка одговорност за управителите на институциите што не го почитуваат законот. Ова укажува на сериозноста со која пристап има Владата – рече Сали потенцирајќи дека овој закон не е против никого ниту, пак, дека некому му се одземаат права. Ги повика сите пратеници и од власта и од опозицијата да гласаат за законот.
Имам, рече тој, уште еден повик за пратениците Албанци. – Несогласувањата се партиски, но денеска пред нас имаме закон што ги допира сите. Едно од најголемите политички достигнувања на оваа држава, Охридскиот договор, не е сопственост на „Влен“, ниту на ДУИ ниту на ниедна друга партија. Тоа е постигнување на граѓаните и должност на сите нас. Затоа не сакам да прашувате кој го предлага законот. Прашајте дали овој закон ги исполнува должностите што ни се наметнати во овие последни две децении и затоа ја барам вашата поддршка за да се поддржи овој предлог-закон – рече вицепремиерот Сали.
Партиите на Албанците во опозиција остро се спротивставуваат на законот велејќи дека тој ги враќа назад во однос на нивните права, а законот не го поддржа ниту пратеникот Фатмир Битиќи од СДСМ, кој смета дека е погрешно поставен.
Предлог-законот за соодветна и правична застапеност се носи во редовна постапка и за него денеска во Собранието се одржа јавна расправа.
The post ПАрламентот го донесе Кодексот за етичко однесување на пратениците appeared first on Provereno.

