*Објава на Фејсбук на Филип Петровски
СЕГА ЈА БАРААТ МАКЕДОНИЈА
На бините повторно — Македонија.
Во говорите — Македонија.
На плакатите — Македонија.
А најгласно ја изговараат токму тие што учествуваа во нејзиното преименување. Сега велат: „Македонија е сè што имаме.“ Точно. Но каде бевте кога Македонија требаше да се брани, а не да се користи како сценографија?
Тогаш нè убедуваа дека името е само збор. Дека треба да го предадеме минатото за да добиеме иднина. Дека промената ќе ни ги отвори сите врати. Го плативме историскиот данок, а ветената иднина остана зад нови услови, нови уцени и нови понижувања.
Името го променија.
Достоинството го повредија.
Вратите не ги отворија.
Промената на името не беше дипломатска победа. Не беше мудар компромис. Беше историска грешка направена од луѓе што поверуваа дека еден народ може административно да се преименува и потоа да продолжи како ништо да не се случило.
Но историјата не се брише со потпис. Идентитетот не се менува со фуснота. А Македонија не исчезнува само затоа што некој решил да ја жртвува за туѓо ветување.
Денес истите повторно се засолнуваат зад нејзиното име. Знаат дека без зборот Македонија немаат ниту емоција, ниту порака, ниту политичка смисла.
Македонија навистина е сè што имаме. Токму затоа немавте право да ја дадете. И да не се разбереме погрешно, се знае како се стигна до бројката од 80. Нели?

