Home Македонија Почина Наум Бурназ, доајенот на македонската народна музика

Почина Наум Бурназ, доајенот на македонската народна музика

Македонската музичка сцена остана без уште еден значаен уметник. Во Охрид, на 86-годишна возраст, почина Наум Бурназ – долгогодишен оперски пејач и еден од најпознатите интерпретатори на македонските староградски, изворни и забавни песни.

Со својата богата кариера и препознатлив вокал, Бурназ остави траен белег во македонската музичка традиција. Децении наназад беше присутен на сцената, пренесувајќи ги староградските песни, изворниот мелос и охридската музичка традиција пред публиката во Македонија и кај македонската дијаспора.

Долги години беше дел од ансамблот на Македонската опера, каде што ја градеше својата професионална кариера, а по пензионирањето продолжи да биде активен чувар на македонското музичко наследство.

Меѓу неговите најпознати изведби остануваат песните „Бор садила мома Евгенија“, „Мома крај извор седеше“, „Ој, љубов, љубов“ и „Песна за патријархот“, позната и како „1762 лето“.

За неговиот долгогодишен придонес во културата и афирмацијата на македонската музика, во 2024 година Општина Кисела Вода му додели статуетка за трајни заслуги. Признанието му беше врачено во неговиот дом, на денот на неговиот 84. роденден.

По веста за неговото заминување, од него се простија колеги, пријатели, почитувачи и членови на семејството, споделувајќи спомени и пораки во чест на неговиот живот и дело.

Последната почит кон Наум Бурназ ќе му биде оддадена денеска, 23 јули, од 13 часот, во капелата на Градските гробишта во Охрид.