Home Македонија Прв човечки случај на вирусот Шамонда потврден во Франција: Пациентот починал, причината...

Прв човечки случај на вирусот Шамонда потврден во Франција: Пациентот починал, причината за смртта се истражува

Француските здравствени власти го потврдија првиот документиран случај во светот на човечка инфекција со вирусот Шамонда, кој досега бил забележуван кај животни.

Пациентот починал на почетокот на октомври. Според Европскиот центар за превенција и контрола на болести — ЕЦДЦ, тој се лекувал од сериозна болест што го правела поподложен на инфекции и компликации.

Сè уште се истражува дали вирусот ја предизвикал смртта или придонел за неа, како и начинот на кој пациентот се заразил.

Шамонда првпат бил откриен во Нигерија во средината на шеесеттите години на минатиот век. Подоцна бил спорадично регистриран кај животни во делови од Африка и во Јапонија, а во летото 2026 година бил идентификуван и во европски сточарски фарми.

Вирусот главно се пренесува преку убоди од ситни инсекти од родот Culicoides. Најчесто ги погодува говедата, но може да зарази и други животински видови.

Според француските власти, водечката претпоставка е дека пациентот бил заразен преку убод од инфициран инсект во источна Франција, каде вирусот циркулирал кај животни во текот на пролетта и летото.

Француските власти нагласуваат дека, според досегашните сознанија, не е идентификуван здравствен ризик за општата популација. Нема ниту научни податоци што потврдуваат пренесување преку консумирање месо, млеко или нивни преработки.

ЕЦДЦ ја следи состојбата во соработка со француските власти и европските партнери. Се зајакнуваат и лабораториските капацитети за откривање евентуални дополнителни случаи. Засега е документирана една човечка инфекција.