Home Македонија Радев вели дека нема што да разговара со Мицкоски – „отсега има...

Радев вели дека нема што да разговара со Мицкоски – „отсега има проблем со ЕУ“

Бугарскиот премиер Румен Радев ги обвинил македонските власти дека прават „сè што е можно за да го одложат членството на Македонија во Европската Унија (ЕУ)“, пренесуваат бугарските медиуми.

Радев во коментар за палењето на два дипломатски автомобили пред Бугарската амбасада во Скопјe рекол дека не може да има билатерална средба меѓу него и премиерот Христијан Мицкоски, бидејќи проблемот не е билатерален.

„Мицкоски има проблем со ЕУ“, кажал шефот на Бугарската влада.

Тој истакнал дека отсега па натаму, „Македонија мора да ја убеди ЕУ дека ги почитува човековите права и дека може да ја гарантира безбедноста на сите дипломатски мисии на нејзина територија“.

„Тие очигледно не прават доволно“, додал Радев.

Бугарскиот премиер смета дека големиот проблем е што, како што вели, „македонските власти не само што не го казнуваат палењето туку нивните сторители дури се охрабруваат и се користат во изборните кампањи“. Тој нагласил дека сè додека нема јасно утврдени принципи на владеење на правото, сè додека нема последици за сторителите на вакви недостојни дела, „немаме што повеќе да му кажеме на македонскиот премиер“.

По изборите во Бугарија и победата на поранешниот бугарски претседател на почетокот на мај годинава, македонскиот премиер изјави дека не очекува промена на атмосферата во Софија.

„Не очекувам воопшто да се промени. Напротив, очекувам таа атмосфера уште повеќе да се вжешти. Сѐ уште имаме политички и општествени структури кај нас кои се подготвени да коленичат пред бугарските власти и да бидат мекото ткиво на македонската надворешна политика. Додека постојат такви сили, не очекувам промена во односот на нашиот источен сосед“, изјави тогаш Мицкоски.

Тој јавно упати покана до новоизбраниот бугарски премиер да ја посети Македонија.

„Кога победи Радев, јас следниот ден утрото му се јавив, му честитав и му посакав успешни добрососедски односи. Се надевам дека со оваа влада ќе може да разговараме за темите за кои треба. Не гледам причина зошто да не го поканам на средба. Ако ова е поканата вака, еве го поканувам“, кажа Мицкоски во мај.