Home Македонија Силен земјотрес го погоди Тибет, загинаа 16 лица

Силен земјотрес го погоди Тибет, загинаа 16 лица

Бројот на повредени во земјотресот со јачина од 7 степени, кој го погоди југозападниот дел на кинескиот Тибет, се зголеми на 65, соопштија локалните власти преку објава на социјалните мрежи. Бројот на загинати остана непроменет – 16.

Земјотресот, чиј епицентар бил во Нагчу – ретко населен град на голема надморска височина во северен Тибет – е најсилниот потрес што ја погодил Кина од јануари 2024 година.

Повеќе од 300 полицајци, меѓу кои и припадници на сообраќајната полиција и полицијата задолжена за работа со заедницата, биле испратени во епицентарот за да спроведуваат спасувачки акции и да пружаат итна помош, соопшти полициската управа на Нагчу.

На снимката објавена од полицијата се гледаат полицајци како во темнина товараат залихи во камион, како и како со помош на батериски ламби прегледуваат објект и урнатини.

Повеќе од 12.000 луѓе биле безбедно евакуирани, објави државната новинска агенција Синхуа.

На снимките што претходно ги објавија локалните официјални медиуми се гледаат луѓе како ги напуштаат своите домови и бараат засолниште на отворено или во автомобили паркирани на улицата. Еден жител раскажал дека го разбудил силен потрес, за време на кој слушнал како куќата крцка.

Кинескиот центар за сеизмолошка мрежа соопшти во објава дека биле регистрирани 413 последователни потреси.

Во 2010 година, земјотрес со магнитуда од 7,1 го погоди Јушу во соседната провинција Ќингхај, при што загинаа најмалку 2.698 луѓе, додека речиси 300 лица се водеа како исчезнати.