Home Македонија Собранието го одбележа Меѓународниот ден на демократијата

Собранието го одбележа Меѓународниот ден на демократијата

По повод 15 Септември – Меѓународниот ден на демократијата, Парламентарниот институт на Собранието, во соработка со Националниот демократски институт (НДИ) и со поддршка од Швајцарската програма за парламентарна поддршка, организираше едукативен настан за ученици од основните училишта „11 Октомври“, „Страшо Пинџур“, „Живко Брајковски“, „Кузман Јосифовски-Питу“ и „Гоце Делчев“ од Скопје.
На настанот се обратија потпретседателот на Собранието, Антонио Милошоски, и амбасадорот на Швајцарија во Северна Македонија, Кристоф Зомер и Златко Атанасов, државен советник и раководител на Парламентарниот институт.

Потпретседателот Милошоски им го доближи значењето на демократијата на учениците преку секојдневен пример – заедничкото одлучување со гласање за прашања од заеднички интерес, како што е изборот на место за училиштен излет.
„Како политичари, треба и понатаму да учиме дека тој што размислува различно не е непријател на оној што размислува поинаку. Демократијата е степен на развој во кој оние што не успеале да го наметнат својот предлог ќе одлучат да ја почитуваат одлуката на мнозинството. Тоа не е слабост, туку израз на политичка култура“, истакна Милошоски.

Амбасадорот Зомер нагласи дека познавањето и практикувањето на демократските вредности е особено важно за младите.
„Демократијата не ја практикуваат само возрасните. Уште поважно е да ја познаваат младите, затоа што тие се иднината. Младите практикуваат демократија во училиштето кога слушаат различни мислења, кога соработуваат за да решат проблем, кога застануваат на страната на некој чиј глас не е слушнат или кога предлагаат идеја за подобрување на своето училиште или општество“, порача амбасадорот.

Во своето обраќање, Атанасов ја нагласи улогата на воспитувањето и образованието во развивањето демократска култура уште од најмала возраст.
„Никој не се родил како демократ. Преку воспитувањето и образованието развиваме навики да го почитуваме другарчето и да разбереме дека нашето право се протега дотаму каде што започнува правото на другиот“, рече Атанасов.
Во рамките на настанот беше промовирано и краткото анимирано видео „Како Шари стана пратеник?“, осмислено како едукативна содржина и дидактичко помагало преку кое, на начин близок и разбирлив за учениците, се обработуваат теми поврзани со демократијата, изборите, граѓанското учество, улогата на Собранието, одговорноста кон заедницата и можноста секој поединец да придонесе за позитивни промени.

Преку разговорот и интерактивните активности, учениците имаа можност да ги споделат своите размислувања, да поставуваат прашања и да дознаат повеќе за демократското одлучување. Настанот испрати порака дека демократијата не е само начин на донесување одлуки, туку и култура на дијалог, заемно почитување, соработка и активно учество.
The post Собранието го одбележа Меѓународниот ден на демократијата appeared first on Во Центар.