Home Македонија (Видео) Техеран: Оштетивме американски носач и разурнувач, бродовите го напуштија подрачјето

(Видео) Техеран: Оштетивме американски носач и разурнувач, бродовите го напуштија подрачјето

Иранската Исламска револуционерна гарда (ИРГЦ) денеска соопшти дека со балистички ракети нападнала американски носач на авиони и разурнувач на американската Воена морнарица, тврдејќи дека и двата брода биле оштетени и се повлекле од подрачјето.

ИРГЦ во соопштението објавено од новинската агенција ИРНА наведе дека нејзините воздушно-космички сили истрелале ракети кон двата воени брода.

Според тврдењата на ИРГЦ, американските бродови ги вознемирувале иранските пловила и учествувале во поморска блокада, а од гардата додаваат дека двата воени брода ја напуштиле „зоната на дејствување“ откако претрпеле оштетувања.

ИРГЦ соопшти дека Централната команда на американската војска (CENTCOM) потврдила дека два воени брода биле цел на напад, што иранската страна го опиша како потврда на операцијата.

Американската Централна команда, сепак, соопшти дека иранските балистички ракети биле избегнати од двата американски воени брода и дека нема повредени американски припадници.

Иранската Револуционерна гарда исто така предупреди дека продолжувањето на американските воени дејства ќе предизвика уште посилен одговор од иранските вооружени сили.

Во одвоено соопштение рано утрово, ИРГЦ наведе дека нејзината морнарица нападнала американски воен брод со далечинско управување, за кој тврди дека се обидувал да влезе во заштитеното подрачје на Ормускиот теснец.

Гардата повторно го изнесе ставот на Техеран дека Ормускиот теснец е под управување на Иран и порача дека САД треба да го напуштат регионот.

Тврдењата на ИРГЦ доаѓаат во услови на нова ескалација меѓу Иран и САД. Американската војска претходно соопшти дека извршила напади врз три ирански нафтени танкери, како одговор на ракетниот напад врз американските воени бродови.