Американската актерка Зендаја се осврна на гласините за својата врска со Том Холанд, откако на интернет се проширија фотографии од нивната свадба создадени со помош на вештачка интелигенција.
Таа гостуваше во емисијата „Џими Кимел во живо!“, каде го промовираше својот нов филм „Драма“, во кој глуми заедно со Роберт Патинсон. За време на разговорот, водителот ја праша за медиумските наслови, на што таа низ шега одговори дека воопшто не ги видела.
Зборувајќи за виралните фотографии, Зендаја објасни дека многу луѓе поверувале дека се вистински. Дури и луѓе од нејзиното опкружување ѝ честитале и ги коментирале фотографиите, на што таа им одговарала дека станува збор за вештачка содржина и дека не се реални.
Таа додаде дека некои блиски луѓе биле разочарани што не биле поканети на наводната свадба, верувајќи дека навистина се случила.
За да се пошегува со целата ситуација, Зендаја во емисијата прикажа нешто што го нарече „вистинска снимка“ од свадбата.
Сепак, се покажа дека станува збор за измонтирано видео – сцена од нејзин филм, во која лицето на Том Холанд било дигитално додадено врз друг актер.
Зендаја продолжи во шеговит тон тврдејќи дека снимката е „вистинска“.
Да потсетиме, гласините за нивна тајна свадба дополнително се засилија претходно овој месец кога нејзиниот стилист Ло Роуч изјави дека свадбата веќе се случила, што дополнително ја збуни јавноста.
Пред доделувањето на Оскарите, од него побараа да потврди дали свадбата навистина се одржала, но тој кратко одговори: „Кажав што кажав“.
The post ВИДЕО | Зендаја зборуваше за вештачки создадените фотографии од нејзината свадба, па во емисија донесе „вистинска снимка“ appeared first on Слободен печат.


