Финансовата полиција поднесе кривична пријава против поранешниот в.д. директор на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје Сабахадин Рустеми, против кој има основано сомнение за сторени повеќе кривични дела и тоа „злоупотреба на службена положба и овластување“, „фалсификување исправа“ и „проневера во службата“ – во обид.
Според пријавата, тој склучувал договори за интелектуални услуги и јавни набавки со фирми, со намера да овозможи корист на договорните физички лица во вкупен износ од 68.500 евра.
„Пријавениот С.Р. во својство на в.д. директор на ЈП Комунална хигиена Скопје, со намера да ги исцрпи сите предвидени финансиски средства од склучениот Договор за интелектуални услуги со правниот субјект ВЕДА ДООЕЛ Скопје, во текот на 2025 година, два дена пред истекот на важноста на договорот, како и ден пред неговото завршување, во име и за сметка на претпријатието склучил пет договори со физички лица, во вкупен износ од 3.608.708 денари, од кои два фиктивни договори со висока нереална вредност од по 775.000 денари за интелектуални услуги – давање совети, имплементирање нови техники за заштита на животната средина во вкупна вредност од 1.550.000 денари, со лица кои биле негови лични познаници и за кои бил свесен дека немаат никаква експертиза во областа на заштита на животната средина“, стои во соопштението на финасовата полиција.
Покрај тоа што бил свесен дека услугите нема да бидат извршени, ниту постои објективна можност да бидат извршени во времетраење на договорот со авторската агенција, сепак според полицијата Рустеми склучил три договори со физички лица во вредност од по 686.236 денари за сметководствени услуги и изготвување годишна сметка во вкупна вредност од 2.058.708 денари.
Тоа, како што велат, го направил иако бил свесен дека едно од лицата немало никаква експертиза во сметководствени услуги и не е овластен преку Регистарот на сметководители.
„По престанокот на важноста на договорот за интелектуални услуги со правното лице ВЕДА ДООЕЛ Скопје, односно откако пријавениот бил одвратен од намерата да го доврши кривичното дело „Проневера во службата” од член 354 ст.2 в.в ст.1 од КЗ на РСМ и да ги исплати средствата, поради навремено откривање на делото од страна на Управата за финансиска полиција, спровел нова постапка и склучил нов договор со правниот субјект ЕСИ СОЛУШН ДООЕЛ Скопје за интелектуални услуги, преку кој склучил договор со трето лице и ангажирал возило (камион) за собирање смет, потпишал патни налози и исплатил 604.461 денари спрема авторската агенција“, соопштуваат од полицијата.
Пред неколку месеци, Обвинителството поднесе обвинение против Рустеми и раководителот на секторот за управува со отпад во „Комунална“ Али Саити, откако настана кризата со ѓубрето во Скопје. Тие се товареа за „загрозување на животната средина и природата со отпад“.
Директорот на „Комунална“ Рустеми ќе одговара за ѓубриштата низ Скопје пред изборите
Рустеми меѓу 2017 и 2021 ја извршуваше функцијата директор на Јавното комунално претпријатие „Сарај“, потоа од 2023 до 2024 беше помошник-директор во ЈП „Паркови и зеленило“, а на 29 јануари 2025 од ексградоначалничката на Скопје, Данела Арсовска беше назначен како в.д. директор на „Комунална хигиена“.
The post Ексдиректорот на „Комунална“, Рустеми, е осомничен за злоупотреби со договори вредни 68.500 евра appeared first on Слободен печат.







