Научници открија делови од најстарата позната мапа на ноќното небо, која се смета дека ја изработил античкиот астроном Хипарх, што живеел помеѓу 190 и 120 година пред нашата ера. Овој значаен астроном се смета за првиот научник во западниот свет кој се обидел систематски да ги каталогизира ѕвездите, и тоа долго пред појавата на телескопот, пишува „Саенс алерт“.
Истражувачите успеале да откријат делови од овој древен ѕвезден каталог со помош на рентгенско скенирање на стар пергамент, на кој под подоцнежниот текст се криеле оригиналните астрономски записи.
Станува збор за ракопис од 6 век познат како „Codex Climaci Rescriptus“. Во средниот век пергаментот бил многу скап, па монасите често ги бришеле старите текстови и повторно го користеле материјалот за нови записи. Токму тоа се случило и во овој случај – оригиналниот грчки текст бил избришан и преку него бил напишан друг текст на сириски јазик.
Во 2022 година, научниците при анализа на ракописот забележале траги од постар астрономски текст и утврдиле дека координатите на ѕвездите се поврзуваат со прецесијата на Земјата – бавното нишање на нејзината оска – што укажува дека текстот најверојатно потекнува од времето на Хипарх.
Сега ракописот се анализира во Националната лабораторија SLAC во САД, каде се користи синхротрон – честичен акцелератор кој создава силни рентгенски зраци. Со нив научниците можат да ги разликуваат хемиските елементи во мастилото без да го оштетат кревкиот пергамент.

Истражувачите откриле дека мастилото со кое монасите пишувале содржи железо, додека оригиналниот текст има калциумска структура, што овозможува двата слоја да се разликуваат со рентгенската технологија.
Веќе се дешифрирани неколку описи на ѕвезди, како и споменување на соѕвездието Водолија. Научниците се надеваат дека со понатамошно скенирање ќе можат да откријат уште поголем дел од оригиналниот каталог.
Ракописот се смета дека потекнува од манастирот Света Катерина во Египет, најстариот христијански манастир во светот што е постојано населен. За потребите на истражувањето, страниците биле внимателно транспортирани од Музејот на Библијата во Вашингтон во специјални рамки и кутии со контролирана влажност.
Во лабораторијата засега се анализираат само 11 страници, додека целиот ракопис има околу 200 страници, кои денес се наоѓаат во различни библиотеки и колекции низ светот.
И покрај предизвиците, научниците веруваат дека ова истражување може да помогне во реконструкцијата на првата мапа на ноќното небо во историјата – документ за кој долго време се сметаше дека е засекогаш изгубен.
The post Научници ja реконструираат најстарата позната мапа на ноќното небо во историјата appeared first on Слободен печат.







