Компанијата „Окта“ информираше дека одлучила до крајот на март на сите трговци да им даде попуст од 2 денара по литар за бензините и за дизелот. „Окта“ е најголем увозник на нафтени деривати, според последните податоци од Регулаторната комисија, таа во 2024 година учествувала со 73,2 проценти во вкупниот увоз. Компанијата има и 27 бензински пумпи и на овие пумпи веднаш ќе го има намалувањето, но дали тоа ќе го применат и другите дистрибутери на горива, не е сигурна ниту министерката за енергетика Сања Божиновска, која имаше заедничка прес конференција со директорот на „Окта“, Димитриос Пасхос.
– Апелирам до трговците да го вградат ова намалување на цените. Регулаторна комисија за енергетика објавува колку може да бидат највисоките цени, што значи дека тие може да продаваат гориво и поевтино. Јас не ги знам нивните точни профити за годинава, но од минатите знам дека сите се во плус и затоа апелирам сите заеднички да се заложиме во овој период додека трае кризата – рече министерката.
Според методологијата за утврдување на највисоки цени на нафтени деривати, еднаш неделно се вршат корекциите на цените во зависност од берзанската цена на секој дериват поодделно и во зависност од движењето на курсот на доларот. Во методологијата не влегуваат набавните цени од „Окта“, така што регулаторот нема обврска да го земе предвид попустот што го дава компанијата на оние дистрибутери кои се снабдуваат од неа.
Сепак, премиерот Христијан Мицкоски, кој на друг настан даде изјава на темава, рече:
– Разговарав со голем дел од сопствениците на бензинските пумпи, кои рекоа дека тоа ќе им го пренесат на крајните корисници.
Мицкоски очекува бензинските пумпи да реагираат истиот ден, со објавувањето на веста, поради што крајната цена за потрошувачите би била намалена за 2,5 денари.
Директорот на „Окта“ Пасхос рече дека овој потег го прават како општествено одговорна компанија.
– Свесни сме за влошената состојба на светскиот пазар. Секогаш наоѓаме начин како да ги заштитиме потрошувачите. Продуктоводот „Вардакс“ е многу важен за стабилноста во снабдувањето. „Окта“ како општествено одговорна компанија сака тоа да го материјализира за потрошувачите. Поради тоа, почнувајќи од денеска, па сè до крајот на март, „Окта“ воведува попуст од 2 денара по литар за дизел и бензини, за трговците на големо и мало што набавуваат горива од „Окта“, со што им се овозможува оваа придобивка да ја пренесат кон крајните потрошувачи. Сепак, трговците на големо и мало остануваат целосно слободни самостојно да ги утврдуваат своите продажни цени. Оваа иницијатива ја одразува долгогодишната посветеност на „Окта“ да го поддржува пазарот, домаќинствата и бизнисите во периоди на зголемени предизвици – потенцираше Пасхос.
Продуктоводот „Вардакс“ повторно беше пуштен во употреба пред една недела. Тој беше изграден уште во 2002 година за пренос на сурова нафта, а откако „Окта“ се пренамени од рафинерија во класичен трговец, тој беше надвор од функција и од 2013 година е предмет на преговори за да конечно повторно се стави во функција за пренос на дизел-гориво.
Во врска со бурните реакции на јавноста зошто Регулаторната комисија за енергетика го смени правилникот за да определува нова цена само еднаш неделно во време кога берзанските цени секојдневно се менуваат, Божиновска рече дека Министерството не се меша во нивната работа.
– Се надевам дека и тие, како и сите други, трговците, како и сите ние, работат во интерес на граѓаните – рече министерката.
The post „Окта“ даде попуст од 2 денарa за литар гориво, ќе го дадат ли и трговците? appeared first on Слободен печат.


