Повеќе треба да се грижиме за институциите коишто ги водиме отколку да гледаме во туѓиот двор, му порача претседателот на Собранието Африм Гаши на претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, за критиките дека повеќе нема да толерира Собранието да ги игнорира одлуките на Уставниот суд.
Гаши и Костадиновски влегоа во отворен конфликт, особено откако Собранието ги проби сите рокови за носење на измените на Кривичниот законик, како и по изјавата на Костадиновски дека нема потреба пораките од „Безбеден град“ граѓаните да ги добиват и на албански јазик на што претседателот на Собранието му порача да размисли и да внимава кога дава изјави кои ги засегаат меѓуетничките односи.
Сите треба да бидеме внимателни со меѓуетничките односи
– Како политичар и како раководител на една битна институција како што е Собранието се обидувам да не влегувам во конфликт со ниедна институција, политичар или носител на јавна функција. Секогаш сум повикувал на внимателност во давање изјави, особено кога се работи за меѓуетнички односи кои јас ги оценувам дека секогаш, сите треба да бидеме внимателни, зашто тие се фрагилни и се столб на стабилноста на ова адржава. Останува на секој носител на функција да размисли како се однесува во однос на ова тема. Јас се обидувам максимално да бидам внимателен затоа што верувам дека тоа многу влијае на државата и односите на сите граѓани во државата – рече Гаши на брифинг со новинарите за изјавата на Костадиновски за „Безбеден град“.

Гаши не се согласува со критиката на Костадиновски дека Собранието ги игнорира одлуките и препораките на Уставниот суд.
– Што ќе прави (Костадиновски н.з), ќе дојде ќе свика седница? – прокоментира Гаши.
Според него, секоја институција, особено една од најбитните – Уставниот суд, како и Собранието, за кои Уставот одредил јасни компетенции и ингеренции, треба да си ја врши својата функција врз основа на Уставот и на законите.
– И ние се обидуваме таа функција да ја извршуваме по Устав, закон и Деловник. Нему и на сите носители на јавни функции им го препорачувам истото – секој да се грижи за својата институција. Нормално, треба да се грижиме и за другите, може да даваме критики едни на други, демократско општество сме, но сепак мислам дека повеќе треба да се грижиме за институците кои ги водиме отколку да гледаме во туѓиот двор. Кога би биле внимателни, да гледаме како работиме со нашите институции, би имале помалку проблеми. За жал, склони сме кон гледање во другите работи – рече Гаши.
Носењето на законите не зависи само од Собранието
Собранискиот спикер го објаснува процесот на носење на законите и смета дека кога сите функционери би ја знаеле целата процедура, би ја имале големата слика и би биле повнимателни со изјавите.
– Кога се носи еден закон, тоа не зависи само од Собранието, особено кога станува збор за Законот за електронски комуникации или за Кривичниот законик. Тоа се обемни, сложени закони кои бараат експертиза и не зависи од Собранието кога ќе го донесе, зашто тоа зависи од низа институции, особено за закони кои се врзани за Владата, каде се ресорните министерства. Собранието нема експерти по електронски комуникации за да го донесеме законот. Кога Владата ќе донесе предлог-закон, ние веднаш постапуваме. Ви тврдам дека сме биле експедитивни особено за закони за кои Устваниот суд укажувал да се донесат побрзо. Тој елемент треба да се има предвид за да се сфати процедурата како се носи еден закон. Кога би ја имале целата слика предвид, тогаш сите би биле повнимателни за тоа што го зборуваме – смета Гаши.

Тој додава дека него најмногу го интересира Собранието и дека се обидува да ја извршува работата врз основа на Деловник, Законот за Собрание и Уставот.
– Јас се водам од нив, не од критики на институции и на граѓани – вели спикерот.
На забелешката дека и една година по укажувањето од Уставниот суд, Собранието ги влечело измените на Кривичниот законик, Гаши се правдаше дека станува збор за сложен закон, за кој требало мислење од Владата и дека измените на овој законик биле предложени од пратениците откако Владата се изјаснила.
Костадиновски: Десет месеци рок за Кривичниот законик
Претседателот на Уставниот суд, во поткастот „Каде се парите? со Горан Теменугов“, го критикува Собранието кога станува збор за одлуките на Уставниот суд. Тој укажа дека Судот повеќепати носел таканаречени интерпретативни одлуки, со кои му дава рок на законодавецот да го усогласи законот со Уставот. Според Костадиновски, Собранието често не постапувало по тие одлуки и роковите истекувале без промени во законите. За Кривичниот законик, претседателот на Уставниот суд вели дека Собранието имало дури десет месеци да реагира.
– Ние му дадовме на Собранието три шанси. Првин беше Законот за електронски комуникации. Му одредивме рок, два до три месеца, но не ја почитуваа нашата одлука. Му дадовме рок за да не настанат несогледливи последици и за измените на Кривичниот законик – десет месеци! Тоа ли е однос спрема Уставниот суд? Така ли се однесува Собранието? Затоа, реков, не сум сигурен, можеби е подобро од сега, барем за мене, личниот став го кажувам, нема веќе интерпретативни одлуки, иако тие се многу здрави за да не настане правна празнина, да не трпат граѓаните. Не, не, сега како судија, кога ќе гласам или кога ќе давам предлози, јас би одел со одложен ефект за да нема веќе компромиси. Зошто тие покажаа непочит кон Уставниот суд – рече Костадиновски во поткастот.
The post Гаши му порача на претседателот на Уставен, Костадиновски, да си го гледа „сопствениот двор“ appeared first on Слободен печат.


