Пратениците не го сакаат Гаши за претседател, Филков да ја води работната група за Изборниот законик 

За пратениците неприфатливо е претседателот на Собранието Африм Гаши да раководи со работното тело, задолжено за подготовка на измените или на сосема нов изборниот законик. Според информациите на „Слободен печат“, тие очекуваат министерот за правда Игор Филков лично да го предводи процесот кој е од клучно значење за општествениот амбиент во иднина.
На  состанокот свикан денеска од Филков, министерот токму Гаши го предложил да биде претседател на работната група, што предизвикало жестока кавга. По ова, можно е и вториот состанок на работната група да заглави, откако на првата средба пратениците Албанци бараа материјалите да бидат преведени и на албански јазик. Неизвесно е и кога работната група конечно ќе се фати за работа, иако тоа се најавува веќе една година како дел од реформската агенда.

Од извори во работната гупа дознаваме дека претставниците на ЗНАМ го поддржале предлогот на Филков токму Гаши да раководи со работната група. Претставниците на другите партии – СДСМ, ЛДП, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, Вреди, Левица и партијата на Турците беа принципиелно против обидот министерот за правда да ја избегне одговорноста и инсистираат Филков како надлежен да го менаџира процесот за измени и дополнувања на Изборниот законик. Алијанса за Албанците предводена од Зијадин Села е воздржана за предлогот на Филков.

Нема логика

– Надвор од логиката на поделбата на власта е министер да предлага пратеник за која било работна група. Сите сметаа дека министерот за правда треба да го води процесот и да претседава со работните средби наменети за измените на Изборниот законик – брифираат извори од работната група.

Пратеници и од власта и од опозицијата велат дека станува збор за принципиелен став.

– Министерството за правда има подготвена Нацрт-верзија на Изборниот законик, текст кој треба да биде основа врз која работната група ќе работи на новите изборни правила. Ако Министерството е носител на процесот, а е, бидејќи министерот работната група ја свикува во Министерството, тогаш тој треба да биде претседател на работното тело. Ако претседател треба да биде пратеник, тогаш – што бараме да одиме во Правда? Ако Изборниот законик е дел од реформската агенда на Владата и има рок да биде готов до јуни, тогаш Филков треба да биде претседател на работната група и ќе треба да ја одреди и динамиката на работа – вели пратеник од власта.

И пратеници од опозициските партии не прифаќаат Гаши да биде претседател, затоа што процесот е дел од владината агенда.

– Ако Министерството за правда и Филков не ја преземат одговорноста за измените или за нов изборен законик, тогаш целиот процес треба да се префрли во Собранието. Ако пратениците работеа на процесот, досега веќе ќе бевме навлезени во материјална расправа за изборниот законик, односно ќе видевме за кои теми ќе се „најдеме“ за да постигнеме висок степен на консензус, а за кои не. Дури и ако не се усогласиме за ниту еден од предлозите, во таков случај измените на Изборниот законик ќе ги вклучат само препораките на ОБСЕ /ОДИХР од парламентарните избори во 2024 година – вели опозициски пратеник.

Гаши во старт отпаѓа зашто не е член на работната група

И друг пратеник од опозициска партија вели дека ако Филков не прифати тој да претседава со работната група, тогаш ќе предложи да се забрза процесот со тоа што носители на измените би биле пратениците. Според него, Гаши во старт отпаѓа како предлог и затоа што не е член на работната група.

– За стартување на процесот особено се засегната помалите партии кои во изминатите изборни циклуси беа иницијатори на темелни промени на изборната регулатива како што е промена на изборниот модел од шест во една изборна единица, потоа помал изборен праг, отворени листи и право на медиумско рекламирање – велат претставници на помалите партии и додаваат дека впечаток е оти на големите партии не им се брза за на крај процесот да се сведе само на измени во делот на препораките на ОБСЕ/ОДИХР.

Гаши уште пред неколку месеци, за да тргне работата со изборниот законик, самиот се понуди да биде претседател на работната група. Тогаш тој на брифинг со новинарите рече би претседавал за да се забрза динамиката на работа на работното тело.
Договор дека е потребен нов изборен законик падна на лидерската средба пред два месеца. Тогаш лидерите се согласија дека е потребна измена на изборниот модел и остана отворено партиите да видат дали може да се усогласат за изборниот цензус, како и за гласањето на дијаспората. На лидерската начелно било договорено до јуни да се донесе нов изборен законик. Дали ќе се оди на измени на Изборниот законик или на целосно ново решение, ќе зависи од предлозите за измени на актуелното законско решение. Ако се менува повеќе од една третина од Изборниот законик, во таков случај ќе треба да се изготви ново законско решение, во спротивно ќе се менува постојното.

ДОМ ја поддржува идејата за една изборна единица

ДОМ ја поздравува дебатата за измените на Изборниот законик и додава дека таа треба да се фокусира на вистинските демократски реформи кои ќе го подобрат квалитетот на претставничката демократија.

„Наместо дискусијата да се сведува само на бројот на пратеници, неопходно е во прв план да се постави прашањето за моделот на избор на пратениците и за еднаквоста на гласот на граѓаните. ДОМ се залага за воведување една изборна единица, како решение што ќе обезбеди секој глас да има иста тежина и ќе овозможи поправедно политичко претставување, отворени листи, со што граѓаните ќе имаат поголемо влијание врз изборот на пратениците и правила што ќе обезбедат поголем демократски плурализам и фер политичка конкуренција“, соопшти партјата.

Изборниот законик се турка „колку да се рече“

The post Пратениците не го сакаат Гаши за претседател, Филков да ја води работната група за Изборниот законик  appeared first on Слободен печат.